Колку е тешко вработувањето во посакуваната компанија?

април 29, 2024

Колку е тешко вработувањето во посакуваната компанија?

Во постојано  променливиот пазар на труд често се зборува за тоа колку е тешко или лесно вработувањето во посакуваната компанија. Доколку спаѓате во оние кои аплицираат за работни позиции за кои побарувачката високо котира, сигурно дека патот до вработувањето е олеснет од самиот почеток, но за останатите тој може да биде доста предизвикувачки и напорен поради повеќе фактори како што се огромниот обем на апликанти, економските трендови и самата сложеност на процесот на вработување. Додека некои можат релативно полесно „да пливаат“ низ овие води, други се соочуваат со бројни невидливи бариери кои воопшто не го олеснуваат овој процес. Но барањето работа не мора да биде толку тешко доколку користите проактивни стратегии и ги практикувате следниве совети за наоѓање (нова) работа:

 

  1. Дефинирајте што точно сакате и кои се вашите приоритети

Уште пред да започнете со барање работа, размислете за вашите силни и слаби страни, како и за видот на работата која уживате да ја работите. Колку подобро се познавате себеси, толку е поголема веројатноста дека ќе најдете нова работа која ќе ви пружа поголемо задоволство. Што сакате од вашата работа? Што ви е најважно – титула, пари, развој, природата на самата работа, локација или културата на компанијата?

 

  1. Дознајте повеќе за компаниите во кои аплицирате

Штом добиете приближно јасна слика за тоа каква работа сакате, потребно е да ги „скенирате“ компаниите во кои ќе аплицирате. Тоа подразбира да истражите што тие сакаат, да ги посетите нивните веб страница, каналите на социјалните мрежи за да можете да се стекнете со првични импресии за културата на компанијата, нивните активности, постигнувања и успеси. Ова дополнително ќе ви помогне на самото интервју за работа да можете да поставувате и вие релеватни прашања.

 

Колку е тешко вработувањето во посакуваната компанија?

  1. Прилагодете ја вашата биографија за секоја работна позиција

Вашата биографија (CV) е првата слика која работодавците ќе ја стекнат за вас како потенцијален кандидат за отворената работна позиција што воедно ја прави и една од основните алатки при барањето работа. Важно е вашата биографија да биде богата со вашите достигнувања кои се релевантни за работата за која аплицирате, секако доколку имате претходно работно искуство. А доколку сте на почетокот на кариерата без претходно работно искуство, истакнете ги вашите меки вештини, покрај образовните. И втора работа која е исто така многу важна – доколку аплицирате во повеќе од една компанија, прилагодете ја биографијата кон самата компанија откако ќе ја истражите како што се вели во претходниот совет бр. 2, бидејќи во најголем број на случаеви  работодавецот во првите моменти откако ќе ја погледне вашата биографија (треба да) знае дека ги имате потребните вештини.

 

  1. Бидете присутни и активни на LinkedIn

Денес LinkedIn претставува платформа која многу сериозно ја земаат сите професионалци кои бараат работа, сите работодавци кои нудат работа и секој поединец кој гради кариера. Оваа социјална мрежа е еднакво важна како и вашето CV при барањето на работа бидејќи овозможува транспарентен и брз приказ на вашата кариера кој сигурно ќе ви биде од голема помош во процесот. Доколку немате профил на LinkedIn, сторете го тоа час поскоро, истражете ја мрежата како функционира во поглед на споделување корпоративни постови од светот на бизнисот и конкретно од индустријата во која (сакате да) работите. Поврзете се со профили на пријатели и познаници кои се веќе на мрежата, но и со оние кои не ги познавате а работат во истата индустрија како вие. Штом се врмежите, слободно комуницирајте со нив доколку имате потреба.  На овој дигитален пазар на труд себепромоцијата многу полесно ќе ве доведе до целта доколку ја искористите за да се позиционирате на начин што ќе ве направи посакуван работник за секој работодавец.

 

  1. Не се ограничувајте на онлајн апликации

Немојте да барате работа само онлајн, бидејќи не знаете во моментот на аплицирање дали компанијата е во завршна фаза со интервјуата, или дали можеби веќе одлуката паднала кој кандидат да се вработи. Бидете послободни и обидете се да ја контактирате компанијата и директно. Иако живееме во време кога контактите ги остваруваме најчесто со еден клик, сепак бидете свесни дека личниот контакт и личниот впечаток кој го оставате може многу лесно да ве смести во групата на посакуваните кандидати

 

Колку е тешко вработувањето во посакуваната компанија?

  1. Бидете организирани и задржете ја мотивацијата

Доколку аплицирате во повеќе компании направете си систем за follow-up за тоа во која компанија сте пратиле биографија во која сте истакнале одредени вештини или достигнувања, за која работна позиција, која компанија ве повикала на интервју и кога, како и лични забелешки. Едноставна табела е доволна да ги организирате сите овие информации, имајќи предвид дека барањето работа понекогаш може и да потрае подолго од очекуваното. Клучно е да останете мотивирани со тоа што самите себеси ќе си задавате цели во текот на денот поврзани во вашата професија или посакуваната работна позиција, да се информирате и надградувате.

 

  1. Покажете ги вашите вештини преку примери и приказни

Еден од главните совети за наоѓање нова работа е да умеете своите вештини, способности и страста за работата да ги покажете преку конкретни ситуации кои ќе ги раскажете на интервјуто за работа. Користете го СТАР форматот (STAR format) кој вклучува во одговорот да дадете опис и контекст на ситуација (Situation), раскажете ја вашата задача (Task) и што презедовте да се справите односно да ја решите (Action), и на крајот завршете со резултатот кој го постигнавте (Result).  Луѓето се сеќаваат на приказните, така што вашата цел треба да биде да умеете на состаноците за вмрежување или на интервјуатеа за работа да одговарате со приказни кои ви се случиле за време на вашето работно искуство.

 

  1. Со позитивен став сте чекор поблиску до посакувана работа

Барањето работа може да трае извесно време, а за некои и подолго. Но бидете упорни, концентрирани на целта и никако не очајувајте. Ниту еден работодавец нема да прими во својот тим работник кој се жали или е навидум депресивен. Бидете позитивни, па дури и ако барате работа во поодминати години. Во овој случај изразете ги вашите компетентности, спремноста и желбата за нови знаења и ограничете го работното искуство во вашата биографија на последните 10-15 години.

 

  1. Со вашата учтивост издвојте се од другите кандидати

По завршувањето на интервјуто пратете емаил порака со благодарност до работодавецот за укажаната можност да бидете еден од потенцијалните кандидати за отвореното работно место. Без разлика каков ќе биде конечниот одговор на компанија по прашањето кој ќе ја добие работата, ваквиот чин на учитвост сигурно ќе ве одвои од мнозинството други баратели на работа.

 

  1. Бидете отворени за дополнителна обука или искуство

Ова е исто така многу важно имајќи предвид дека брзиот развој на технологиите во денешниот свет за рекордно брзо време бара од работниците да развиваат вештини за користиње на нови алатки во работењето. Затоа, без двоумење бидете согласни да учите нови вештини доколку е тоа потребно, да се стекнете со потребната обука, па дури и да се согласите за волонтирање во краток временски рок за да се стекнете со потребното искуство.

И на крајот, запомнете дека барањето работа може да трае подолго отколку што очекувате. Подгответе се за тоа  и можеби ќе бидете многу пријатно изненадени кога ќе се случи по второто или третото интервју да добиете позитивен одговор.