Вистинскиот избор на меките и тврди вештини во биографијата може да ве однесе на посакуваното работно место

мај 14, 2024

Добро „скоцкано“ СиВи (CV) односно биографијата која ја испраќате кога аплицирате на ново работно место може да се случи да биде пресудна за конечниот одговор на работодавецот. И неретко, овој факт допринесува креирањето на биографијата да биде предизвикувачко, имајќи предвид дека и за тоа постојат „непишани правила“ да оставите подлабок впечаток за личноста која ќе ве интервјуира.

Како веќе претходно советувавме – секојпат добро да ја изанализирате работната позиција и да ги нагласите вештините кои ги поседувате согласно описот на работното место во огласот – бидејќи фокусот на менаџерите за вработување еднакво ќе биде посветен, како на стручните, односно тврдите вештини специфични за бараната индустрија, така и на меките вештини кои се барани за секое работно место. Исто така, доколку барате работа на далечина, постојат  одредени вештини кои вашата биографија би требало да ги содржи.

Истакнете ги вештините кои ќе бидат најефективни

Секој пат постојат мноштво вештини кои можете да ги вклучите во вашата биографија, но потребно е да одлучите кои ќе бидат најефективни, повторно  во согласност на работното место и на вашата личност.  Како што напоменавме, тврдите вештини се вашите технички способности кои се специфични за одредена работа и често се мерливи. Ако на пример, аплицирате за софтвер девелопер, тврдите вештини треба да вклучуваат специфични програмски јазици, додека кај меките или личните вештини се препорачува да ги наведете вашите креативни способности, самомотивираност, способност за работа под притисок, успешно управување со времето и сл. За оние кои аплицираат за работа на далечина, пожелно е да бидат вклучени вештини како одлична писмена и вербална комуникација, способност за самостојно работење, управување со времето и задачите, организациски способности, специфично познавање на алатките за далечинска комуникација како Zoom, Skype, Microsoft Teams, Dropbox, Google Suite и др.

Да погледнеме кои меки вештини можат најмногу да одат во прилог на вашата биографија: Откако внимателно ќе го прочитате описот на работното место, обидете се да одредите кои од следниве меки вештини кои ги поседувате се најприменливи за работата:

  1. Вештини за решавање проблеми

Решавањето на проблеми се подразбира за секое работно место без разлика на природата на работата. Имајте на ум дека работодавците сакаат да знаат дека сте способни да дојдете до брзо и ефективно решение.

  1. Вештини за критичко размислување

Претходната вештина бара способност за критичко размислување, и работодавците го знаат тоа. Со наведување на оваа вештина кажувате дека сте во состојба да смислувате и нови начини за решавање на некој проблем или за тек на одреден проект.

  1. Флексибилност

Компаниите и индустриите приоретизираат вработени кои се динамични и приспособливи на различни ситуации и кои можат да користат различни методи и пристапи во различни околности за да го добијат најдобриот краен резултат.

  1. Комуникациски вештини

Способноста да остварувате добра и плодна комуникација со вашите надредени, со колегите, со клиентите, без разлика дали станува збор за писмено или вербално изразување, е многу важна карактеристика за да постигнувате подобри резултати во работењето.

  1. Тимска работа

Тимската работа се бара во многу работни места и многу е важно работодавецот да знае дека можете да успеете и во тимско опкружување.

  1. Организациски вештини

Станува збор за способност да се организира извршувањето на задачите и проектите како за себе, така и за вашите соработници. Можеби, клучно е доброто организирање на времето – вештина која доколку ја поседувате, истакнете ја, а доколку тоа не е ваша посилна страна, тогаш поработете на тоа.

  1. Креативност

Покрај критичкото размислување, и креативното размислување секој пат е полн погодок. Доколку знаете да размислувате out of the box, истакнете го тоа, бидејќи осмислување на креативни решенија може да биде вистинска предност за било кое работно место.

  1. Емоционална интелигенција

Идентификувањето и справувањето со своите емоции, како и со емоциите на другите, ја изразува способноста да се владее со ситуацијата кога станува збор и за подеми и за падови и секогаш ќе ви оди во прилог како вештина.

  1. Внимавање на детали

Обрнување на особено внимание на детали во секојдневното работење сигурно ќе ве донесе во ситуации кога ќе спречите потенцијална грешка, ваша или на некој колега. Значајна карактеристика која е потребна доколку аплицирате за тимска работа.

  1. Одговорност

Една од најбараните карактеритики и вештини за вработените кои секој рабоодавец особено ја вреднува. Во најосновна смисла на зборот, преземањето одговорност за своите должности, значи и да се прифатат можните грешки и да се учи од нив, и да ги извршувате зададените работни задачи. Секогаш имајте на ум дека доколку вашиот надреден или менаџер осознае дека не треба да ве проверува за да се осигура дека работата е завршена, тогаш вашиот пат кон унапредување во кариерата многу побргу ќе ви се отвори.

 

Кои се можните тврди вештини кои би можеле да ги истакнете во вашата биографија?

Тврдите вештини, за разлика од меките, бараат стручна подготвеност, стручно знаење и/или искуство согласно индустријата во која припаѓа работното место кое сакате да го добиете. Умно е, пред да ја испратите вашата биографија, да обрнете внимание на тоа кои конкретно тврди вештини генерално се бараат за конкретната работна позиција (истражете онлајн малку доколку е потребно) за да сте сигурни дека оние кои ги имате наведено ги задоволуваат критериумите. Денес, во дигиталното доба на живеење и работење, постојат одредени тврди вештини кои се заеднички во повеќе индустрии:

  1. Дигитални вештини

Познавања од конкретни софтвери бараат малку компании. Но, кога станува збор за дигитални вештини, од најосновните на Microsoft, како и програми за управување со проекти, за видео состаноци, владеење на дигитални платформи од индустријата, бидете сигурни дека дигиталните вештини се едни од најважните кои морате да ги поседувате.

  1. Дизајн

Не се само професиите графички или веб-дизајнер, професии кои бараат дизајнерски вештини. Многу работни места од областа на маркетингот, рекламирањето, брендирањето, инженерството или пак градежништво, бараат одреден тип на дизајнерски вештини – дури и ако тоа е само за изготвување презентации.

  1. Анализа на податоци

Податоците денес значат сé, и како такви постојано се анализираат давајќи нови податоци кои ги одредуваат идните токови на работењето. Според ова, со способноста за анализа, мерење и употреба на податоците секогаш ќе бидете во предност во однос на другите кандидати кои не ја поседуваат оваа вештина.

  1. Преговарање

Способноста за преговарање, како напредна алатка во комуникациските вештини се секогаш важна за многу работни места кои вклучуваат продажба на производ или услуга, купување акции или стока, посредување зделки за производство или транспорт, воспоставување партнерства за рекламирање или инвестиции итн.

  1. Математика

Работни места од области како финансии, економија, бизнис, инженерство, градежништво, производство, логистика, здравство, секој пат ќе бараат од вас „добро да ви одат бројки“. Истакнете ја математиката како ваша силна страна меѓу тврдите вештини.

  1. Управување со проекти

Многу работни места бараат вештини за управување со проекти. Способноста да управувате со текот на вашите задачи и да ги завршите истите навремено е дел од управувањето со проекти. Доколку сте користеле софтвер за управување со проекти во минатото или сте завршиле проект пред време, не заборавајте да го истакнет тоа.

  1. Маркетинг

Маркетингот вклучува продажба и промовирање на производи и услуги и за многу компании оваа тврда вештина е посакувана. Познавањето на главните карактеристики и придобивките од производите и услугите на вашата компанија и можноста да зборувате или пишувате за нив, може да биде вредно за многу различни работни места. Ако имате специфично искуство во маркетинг или социјалните медиуми, уште подобро.

  1. Административни вештини

Дури и ако вашата работа не е административна по природа, сигурно некаде на патот често ќе се среќавате со административни обврски во домен на вашто работно место. Административните вештини ги вклучуваат работите што ги правите за да управувате со вашите работни задачи: организирање, планирање, закажување, пишување е-пошта, управување со датотеки итн.

  1. Вештини за пишување

Многу работни места вклучуваат пишување. Без разлика дали се работи за клиенти или соработници, неопходно е да имате основна способност за пишување и слободно ставете ја како вештина во вашата биографија. Е-пошта исполнети со печатни и граматички грешки никој не сака, а несоодветниот тон може да испрати погрешна порака. Истакнете ја оваа вештина преку вашето мотивационо писмо и е-пошта со регрутерот, и наведете ги сите конкретни проекти кои сте ги изработиле, а кои барале особени вештини за пишување.

  1. Странски јазици

Отсекогаш, па дури и денес, познавањето на повеќе од еден странски јазик може да ве издвои од конкуренцијата, и да допринесе до подобро претставување во очите на работодавецот.

 

Совет: Доколку се уште не сте сигурни кои од меките или тврдите вештини да ги внесето во вашата биографија, прочитајте го описот на работното место повторно и повнимателно и сигурно во него ќе забележите неколку клучни вештини или карактериски кои се бараат од кандидатите. Фокусирајте се на нив и обидете се да ги подредите според важност согласно релеватноста, и задолжително внесете информации кои ги опишуваат вашите претходни достигнувања. Доколку можете повеќе да наброите, внесете четири на кои сте најмногу горди, а преку самите достигнувања илустрирајте ги и вашите одговорности. Запомнете дека вашите меки и тврди вештини внесето во биографијата можат да се сместат во потесниот круг за избор на посакуваниот кандидат, или пак да ве дисквалификуваат, а вистинскиот избор на истите ќе ви ги донесе посакуваните резултати.