„Макпрогрес“ е една од најголемите домашни прехранбени компании и еден од водечките македонски извозници, која преку оваа инвестиција ја продолжува стратегијата за технолошки развој и зајакнување на конкурентноста на меѓународните пазари.

Во Виница денеска свечено ќе биде пуштена во работа новата фабрика на „Винчини“ за производство на вафли, инвестиција вредна 8,5 милиони евра, која ќе донесе нови работни места и зголемување на производствените капацитети на компанијата.

Новата фабрика ќе ја претстави генералниот директор на „Макпрогрес“ и потпретседател на Стопанската комора, Глигор Цветанов. На отворањето ќе присуствува и премиерот Христијан Мицкоски со владина делегација.

Инвестицијата е реализирана за 6 месеци, со значително учество на домашни градежни компании, инженери, проектанти и изведувачи. Фабриката располага со две современи производни линии за производство на вафли и сродни кондиторски производи, наменети за домашниот пазар и за повеќе од 60 странски пазари каде што се пласираат производите на „Винчини“.

Веќе се отворени 40 нови работни места, а во текот на следната година се планираат уште 40 вработувања. Од компанијата очекуваат инвестицијата да придонесе за економскиот развој на регионот и да отвори нови можности за младите кадри.

 

Во рамки на настанот ќе се одржи и средба со менаџерскиот и стручниот тим на „Макпрогрес“, на која ќе бидат презентирани резултатите и развојните планови на компанијата, како и предизвиците и можностите за понатамошен раст на извозот, инвестициите и конкурентноста на македонската прехранбена индустрија.

 

Новата фабрика ќе овозможи зголемување на производствените капацитети на „Винчини“ за околу 30 проценти, како и натамошно проширување на извозот и присуството на меѓународните пазари.

 

 

 

 

 

 

 

 

Од тимот на Jobs.com.mk упатуваме искрени честитки до „Макпрогрес“ за оваа значајна инвестиција и визијата што ја претвораат во реалност. Восхитувачки е да се види домашна компанија која континуирано инвестира во развој, нови технологии, извоз и отворање работни места во Македонија.

Овој проект е доказ дека со јасна стратегија, посветеност и храброст за инвестиции може да се создаваат нови можности за луѓето, локалната економија и идните генерации.

 

Ви посакуваме многу успех во понатамошниот раст, нови пазари и уште многу успешни приказни кои ќе бидат гордост за секој Македонец!