Постои тој момент некаде помеѓу доцниот неделен ручек и вечерните вести, кога сè застанува и чувството на нелагодност почнува. Не е паника, не е ниту вистинска тага – повеќе е како притисок во градите, тивка нервоза во стомакот, мисла што не може да се артикулира, но знаеме што значи: утре е понеделник.
Во современиот деловен свет, овој феномен доби и име – Sunday Scaries, кај нас често нарекуван „неделна анксиозност“. И не е резервиран само за оние што не ја сакаат својата работа. Напротив, сè почесто се јавува и кај луѓе кои одлично функционираат и дури се задоволни со своето работно место. Но, кога неделата ќе навлезе во вечерните часови, наместо одмор – се јавува отпор.
Не сме сами (ниту чудни)
Според истражувањата, повеќе од 70% од вработените ширум светот признаваат дека редовно чувствуваат некој вид нелагодност пред почетокот на новата работна недела. Тоа не е нужно класична анксиозност – туку ментален премин од состојба на опуштеност во „работен муд“. А тој премин станува сè потежок бидејќи границите меѓу работата и приватниот живот сè повеќе се бришат.
Некогаш понеделникот беше почеток – денес е продолжение. Пораките стигнуваат и во недела, мејловите се проверуваат „успат“, а мозокот веќе и не знае кога завршува работната недела. Затоа неделата навечер сè повеќе личи на тивок понеделник во најавa.
Како да си помогнеме?
Добрата вест е дека постојат начини неделната анксиозност да се ублажи, ако не и целосно да се избегне. Клучот не е во големи промени, туку во мали ритуали кои го враќаат чувството на контрола и сигурност.
-
Планирајте нешто убаво за понеделник – и нека тоа биде приватно, а не деловно. Омиленото кафе, прошетка до работа, појадок надвор од дома.
-
Не оставајте ја неделата за „надомест“ на сè што не сте стигнале во текот на неделата. Неделата не е ден за мултитаскинг, туку за ресетирање.
-
Воведете неделни рутини што немаат врска со работа: читање, готвење, гледање серија без гледање во телефон.
-
Исклучете ги нотификациите барем на неколку часа. Можеби не можете да влијаете на утрешните мејлови – но можете да го исклучите телефонот вечерва.
Зашто неделата навечер не мора да биде предигра за стрес. Таа може да биде мост кон понеделникот, а не негово предупредување.
извор: bizlife