Учењето и отвореноста за нови знаења и искуства се клучни за тековниот процес на негување на вашиот професионален успех и личното исполнување, иако многу млади професионалци на прагот од својата работна кариера претпоставуваат дека образованието престанува на денот на дипломирањето. Вашата кариера е многу повеќе од листа на претходни достигнувања и работни позиции кои се содржани во вашата професионална биографија, таа претставува тековна работа на кариерата која постојано се менува и развива.
Додипломските, магистерските, па дури и докторантските студии се непроценливи и неверојатни достигнувања за вашата кариера, но дури и најстарите професори или искусни доктори на науки ќе потврдат дека денот кога некој ќе престане да учи и да се интересира, е голема пресвртница и тоа на недобар начин. Од тукушто вработените и оние кои се уште ги подготвуваат своите први биографии, па се до најискусните директори на компании или цели корпорации, доживотната подготвеност да научат и да развиваат нови вештини е докажана како непроценлива, ако не и апсолутно суштинска лична особина.
Во понови анкети во кои учествуваат повеќе од 500 лица на директорски и извршни функции, резултатите посочуваат дека повеќе од неверојатни 98% веруваат дека до 2033 година практично секоја работа во сите сектори ќе бара технолошки вештини (ВИ, ИТ, кодирање, сајбер безбедност итн.). Други 97% од анкетираните директори рекле дека е многу поголема веројатноста да вработат кандидат за работа кој продолжил да се надградува или да учи нови способности во одбраната област или специјалност.
Значи, образовната стагнација многу веројтно дека ќе претставува апсолутен „убиец“ на кариерата во следната деценија. Еве уште неколку примери за тоа како начинот на учење е интегрален како за современиот пејзаж за вработување, така и за егзистенцијата на цели организации.
Учење преку грешки при барање работа
Разбирливо е дека селектирањето на огласи и пишување на мотивациони писма за аплицирање за работно место не е ништо повеќе од рутинска работа. Но, многу научни студии објавуваат дека и овие процеси можете да ги гледате како можности за учење. Одбивањето на вашата апликација за работа никогаш не е лесно, но дури и таквите негативни одговори (или без одговор) нудат можност да се процени што може да се направи поинаку и подобро на следната можност/апликација.
Одбивањето е неизбежно во текот на барањето работа, но тие искуства можат да послужат и како лекции за учење кои на крајот ќе ви помогнат да стигнете до посакуваната цел.
Работната сила денес сака да учи!
Иако веќе споменавме дека извршните директори како носители на одлуки за нови вработувања претпочитаат да ангажираат кандидати кои се „гладни“за нови знаења и учење отколку поинертните кандидати, сепак тенденцијата на пораст на учењето која е од неодамна значително присутна, се однесува и на едните и на другите. Истражување спроведено во САД минатата година кое опфати 2000 Американци од кои 1000 се вработени, а 1000 се невработени, потврдува дека тројца од четворица од анкетираните вработени изјавиле дека би биле посреќни на нивната сегашна работна позиција доколку тоа обезбеди повеќе можности за учење на нови релевантни вештини. Во меѓувреме, 67% од сите анкетирани лица потенцирале дека потенцијална нова работна позиција би била многу поатрактивна доколку им понуди силни образовни опции на работното место.
Повеќе вештини – повеќе можности за подобра заработка
Поголема заработувачка бара повеќе труд и напор кои може доведат до повеќе проблеми, но верно е да кажеме дека повеќето од нас со задоволство би се соочиле со уште неколку дилеми повеќе, доколку тоа значи повеќе нули на нашите банкарски сметки. Во прилог на ова оди истражувачкиот проект објавен во Journal of Political Economy кој сугерира дека повеќе вештини водат до повеќе пари. Научниците објаснуваат дека колку повеќе вештини работникот стекнува во текот на својата кариера, толку е поголема веројатноста да добие високо платена работа. Покрај тоа, постојаното учење нови вештини е секогаш поврзано и со повеќе надворешни понуди за работа од други работодавци, и генерално значи помали шанси за невработеност.
Учењето започнува од менаџментот
Покрај самото промовирање на зголемено задоволство и задржување на вработените, менаџерот кој дава приоритет на учењето на работното место, во крајна линија и гледа подобри резултати во работењето на компанијата. Професионалните лидери и менаџери кои ги охрабруваат работниците да преземаат повеќе ризици, кои го нудат и своето знаење и предлози и учат на работа, поттикнуваат поефикасна работна сила. Со други зборови, канцеларија или работен простор што активно поттикнува учење и стекнување на нови знаења, во суштина го води бизнисот на вистинскиот пат на успехот.