„Успехот е да ги правиш вистинските работи, а не да правиш сè како што треба.“ – Gary Keller. На прашањето Зошто некои напредуваат побрзо, а други не сакаат ни да бидат таму? – оваа реченица отсекогаш ме потсетува дека успехот не е совршенство, туку избор. Избор да направиш што е вистински важно дури и кога е најтешко.
Продажбата ме научи токму на тоа.
Продажбата не е само бројка, туку карактер. Таа ме направи лидер, но и човек што научи дека успехот има висока цена: стрес, дисциплина и избор што не го прави секој. По 19 години искуство во HR, продажба и менаџмент, го споделувам она што ретко се кажува на глас: зад секој резултат стои човек кој понекогаш оди против себе за да стигне до таму.
Во текот на мојата кариера сум била и на страната што чека унапредување, и на страната што одлучува кој ќе го добие. Денес, по 19 години работа со стотици компании, менаџери и тимови, можам со сигурност да кажам: не напредуваат секогаш најдобрите туку оние што носат резултати. А кога зборуваме за резултати, нема поголем испит од продажбата. Јас не бев таа што од првиот ден „живееше за бројки“. Напротив. Кога во 2012 година првпат слушнав дека ќе треба да се занимавам со продажба – искрено, преплакав. 🙂А потоа… се заљубив. Професијата што прво ја одбивав стана моја секојдневна школа за живот. Години подоцна – ја водев. Имав највисоки таргети и највисоки резултати, повеќе од десет години по ред. Градев и водев продажни тимови, поставував цели по индустрија, по клиент, по услуга, по месец, по година, по колега. Им одредував таргети па дури и на сопствениците на бизнисите.🙂
Ако еднаш ја засакаш продажбата таа никогаш не излегува од тебе. Само учиш како да бидеш помудар, и како да го претвориш тој адреналин и стрес во енергија што те движи напред, наместо да те изгори. Особено кога таргетот ти е 150%, а ти го пиеш третото кафе и се убедуваш дека „ќе стигнеш“. 😅
Но еве ја вистината што ретко се кажува наглас: бројките не прашуваат дали си уморен, само дали си стигнал. Цената за тие бројки е огромна. Едно плус едно секогаш мора да биде два. Нема одложување, нема „ќе биде утре“. 6-ти Ноември 2025 година е само денес. И токму тој ден ќе ја ставиш маската, ќе ја подигнеш енергијата, ќе се насмееш и ќе склучиш зделка. Така се создаваат менаџери кои преживуваат, растат и инспирираат.
Од другата страна – низ годините во регрутација, headhunting и развој на таленти научив и дека вистинските лидери не се оние што гласно зборуваат за успехот, туку оние што го градат во тишина. Тие не чекаат инструкции, не се фалат, не реагираат импулсивно, не мислат само на денес. Тие решаваат проблеми, споделуваат заслуга, одговараат смирено и одржуваат систем што трае. Лидерите градат доверба со својот претпоставен – не му носат проблеми, туку решенија. Му го олеснуваат животот, а тоа, верувајте, е најбрзиот пат до следното ниво.
Продажбата е срцето на секој раст но и најголемиот извор на притисок. Во реалноста, побрзо се унапредуваат оние што создаваат директен финансиски ефект: продаваат, носат клиенти, склучуваат договори, постигнуваат бројки што се гледаат. Тие се на првата линија. Секој месец имаат таргет, секој квартал се мерат, секој ден живеат со прашањето: „Ќе стигнам ли?“ Секој успех е видлив но и секој пад. И да, тие често напредуваат побрзо но по цена на висока одговорност, стрес и постојана изложеност.
Кога зборувам со вработени, често го поставувам истото прашање: „Дали навистина сакаш да бидеш таму?“ Ако не, тогаш не се споредувај со оние што живеат во свет на бројки и продажни цели.
Секој пат има своја цена. Некои избираат стабилност и мир, други ризик и темпо. Некои сакаат баланс, други адреналин.
Ако некој напредува побрзо, тоа не значи дека ти не вредиш. Можеби само си избрал поинаков пат без трка, без ноќни калкулации дали ќе ја исполниш квотата. И тоа е сосема во ред. Но ако сакаш да стигнеш таму каде што се движат парите (читај: платите 🙂), мораш да ја прифатиш и нивната реалност – стрес, мерливост, резултати и целосна посветеност.
За баланс со приватниот живот ич не ме прашувајте – за тоа Катерина ”немаше време”, бркаше таргети. Кариерата не е случајност, туку избор. Секој раст има своја цена. Прашањето е: дали си подготвен да ја платиш?
За авторот: Катерина Маџовска
Правник со 19 години искуство во анализа на пазарот на труд и креирање современи модели на огласување.
По повеќе од една деценија во продажба и менаџмент, со конзистентни резултати и рекорди во реализација на таргети, Катерина денес е препознатлива како глас на човечкиот пристап во бизнисот, човек што ги познава бројките, но уште повеќе ги разбира луѓето зад нив.



