Во која било индустрија за вработување да ве водат вашите аспирации за остварување на успешна кариера, отсекогаш постоеле одредени „златни правила“ во поглед на особини кои е пожелно да ги поседувате и на кои, воедно, секој работодавец обрнува ообено внимание кај сите свои сегашни и идни вработени. Овие општи квалитети на личноста многу често можат да ве однесат до последниот круг на селекција, и неретко да бидат пресудни за добивање на работното место кое секако бара и специфичен сет на вештини. За кои квалитети и особини всушност станува збор?
Амбицијата е патот до успехот
Амбициозна личност е секогаш добро подготвена за интервју за работа и недвосмислено и јасно го изразува својот интерес за работната позиција. Со тоа изразува и храброст и спремност да ја развива својата кариера во рамки на компанијата во која аплицира за работа, а работодавците пак од друга страна, особено ги ценат овие кандидати. На пример, еден од начините на кои можете да ја потврдите амбициозната страна на вашата личност е да ги наброите сите ваши проекти во кои сте успеале да ги надминете првичните очекувања, или пак на прашањето „Каде се гледате себеси за 5 години?“, да имате јасна насока во кариерата, кон која се стремите.
Радозналост и желба за постојано учење
Поставување на интелигентни и проникливи прашања од ваша страна на интервјуто, откако сте ја истражиле компанијата во која аплицирате за работа, само го потврдува вашето интересирање и проактивниот пристап кој веднаш ќе ве издвои во групата на сериозни кандидати за работното место. Вашата биографија и мотивациското писмо кои вашиот потенцијален работодавец веќе ги држи во рацете, секако ќе ги наговестат овие ваши особини, но на интервјуто е местото каде што ќе треба и да ги потврдите. Радозналоста секогаш е во тесна пврзаност со вашата желба за учење, впрочем скоро секогаш првото го условува второто. Секогаш имајте на ум дека вашиот потенцијален работодавец на интервјуто за работа ќе се обиде да дознае до кој степен сте подготвени да одговорите на предизвиците, а заклучокот од тоа ќе се обиде да го добие од вашите претходни искуства и што сте успеале да научите од и за нив.
Решителност и борбеност
Покажете дека не сте од оние кое се откажуваат. Наведете пример за остварен проект во кој сте учествувале, кој и покрај ограничените ресурси сте успеале да го реализирате. Истакнете дека внесувате енергичност во задачите кои ги извршувате, што е директен резултат на вашите напори, лични ставови и страст за работа. Така се декларирате како кандидат кој е вреден, спремен за личен развој и кој се стреми кон успех.
Скромноста и понизноста се особини кои многу зборуваат за квалитетна личност
Домашното воспитување игра многу поголема улога во вашето претставување и понатамошното прилагодување во работната средина во компанијата отколку што повеќето мислат. Скромноста и понизноста одат рака под рака со квалитетните меѓучовечки односи. Работодавците, на пример, бараат луѓе кои од самиот почеток велат „ние“ наместо „јас“ и кои немаат проблеми да се справат со претходните деловни успеси, но и неуспеси. Способноста да се слават заеднички успесите на тимот, но и да се признае грешка сведочат за личност која е подготвена да преземе одговорност, а оваа особина ја имате или ја немате и во приватниот живот. Затоа, многу важни прашања за секој работодавец се, на пример, дали сметате дека достигнувањата на претходната работа се резултат на тимска работа или исклучиво ваш напор, или пак дали вината за неуспесите ја префрламе на некој друг или имаме способност да ги признаеме грешките.
Позитивниот светоглед отвора многу врати
Позитивниот светоглед на кандидатот за работното место е од огромно знаечење, бидејќи во реалноста, секој сака во својата работна средина да има колеги кои се често насмеани и шират позитивна енергија. Дури и кога се случуваат непријатни ситуации во компaнијата, докажано е дека луѓето со позитивен став, полесно наоѓаат решенија за излез од таквите ситуации, побргу се справуваат со нив, и што е најважно, учат од нив.
Покажете дека сте човек од доверба
На првата средба со потенцијалниот работодавец можете многу да направите кога станува збор за себепретставување. Можете да истакнете дека сте сериозна личност, човек од доверба и исполнителен/на. Сите овие карактеристики му зборуваат на вашиот потенцијален работодавец што може да очекува од вас. Затоа, не доцнете на интервјуто за работа, поднесете ја целата потребна документација и активно учествувајте во самото интервју со тоа што освен што ќе одговарате на прашањата, и вие ќе поставувате прашања кои ве интересираат.
Отвореност и искреност
Запомнете, искреноста секогаш победува, а искусен работодавач бргу може да увиди доколку на интервјутто не давате целосни одговори. Затоа, држете се до вистината, и имајте на ум дека е во ред аргументирано да признаете дека претходното работно место сте го напуштиле поради недоразбирања со шефот или поради недостаток на предизвик. Но, внимавајте со какви зборови ќе ги окарактеризирате ваквите ситуации и истите секогаш да бидат во рамки на културата на работното комуницирање.