Џен Зи: Генерација која ги менува приоритетите во работењето и работата средина

јули 15, 2024

Најмладите во компаниите ја претставуваат џен зи (генерација зет, Gen Z), родени во периодот од втората половина на деведесетите до 2010 год. До 2025 тие ќе сочинуваат 27% од работната сила во светски рамки велат статистиките, а актуелната бројка на припадници на оваа генерација во светот е 2 милијарди.

Во последнава деценија работните места, и воопшто индустријата за вработување минуваше низ постојани промени, но тоа воошто не беше чудно имајќи го предвид брзиот развој на технологиите, достигнувањата и иновациите во секоја индустрија, што е многу важно – вештачката интелигенција. Но, значителен акцелатор на промените и новините за работните места од повеќе аспекти беше пандемијата, која по нејзиното завршување остави траен печат и засекогаш ги смени некои од традиционалните начини на кои се работи. Паралелно со тоа, бројот на припадниците на џен зи кои ја започнуваат својата кариера е во постојан постојан пораст, и денес тие ја претставуваат иднината во бизнисот.

Што сакаат џен зи кога работат?

Во истражувањето за 2024 на Deloitte, се открива дека речиси половина од џен зи, или 49% велат дека се идентификуваат со својата работа. За нив семејство и пријателите се од можеби пресудна важност, што објаснува зошто 42% го сметаат балансот помеѓу работата и животот, далечинското работење и флексибилното отсуство како главни приоритети кога бараат работа. Иако платата останува една од најважните компоненти во одлуката за вработувањето, сепак кај џен зи не е секогаш пресудна. Истото се однесува и на традиционалното чекор по чекор напредување во кариерата, најмладите колеги претпочитаат во компаниите кон кои се приклучуваат, унапредувањата и професионалниот раст да се случуваат многу побргу отколку вообичаено.

Флексибилноста во работењето, во поглед на работното време, како и од каде се работи – дали од канцеларијата или од далечина,  се клучни исто така за џен зи, кои не сакаат само да се вработат во компанија која има усвоено хибридни работни практики – туку и да имаат слобода да изберат од каде и кога работат. Дополнително, за џен зи веќе е типична нивната флексибилност да прават нагли промени во кариерата или на работните места. Според едно истражување спроведено во САД, припадниците на оваа генерација би можеле да сменат до 10 компании во кои работат од својата 18-та до 24-тата година. Оваа флексибилност, меѓу другото, се должи и на нивниот позитивен став во однос на слободата во секое време да ги развиваат своите вештини и доживотното учење.

Што се однесува до работната атмосфера, за џен зи градењето на пријателства и негувањето на позитивни односи со колегите често е поважно од самите работните титули. Но, постои и еден аргумент кој на оваа генерација и е од особено значење, а тоа е нивната мотивација да имаат позитивно влијание врз општеството и согласно тоа повеќето претпочитаат вработувања во компании кои се усогласени со нивните вредности за заедницата, за заштитата на животната средина итн. Сето ова ги прави младите од џен зи работен кадар со нови вештини, иновативни идеи и различни светогледи од другите генерации.

Како џен зи се разликува од другите генерации?

Тоа е првата генерација која не го познава светот без интернет. Израснати во дигиталната ера исто така ги именуваа како „првата глобална генерација“ бидејќи отсекогаш ја познавале можноста виртуелно да се поврзуваат со луѓето насекаде на планетата. Токму поради ова, и тоа што достапноста на информациите од било каде во светот отсекогаш им била на располагање, за џен зи границите или ограничувања се концепти кои тие многу малку ги познаваат. Растејќи во поврзан дигитализиран и глобализиран свет, нормално е нивните животи да се вртат околку најновите технологии, од паметните телефони, до ВИ слушалки и ВР наочари, и голем дел од нив да се одвива на социјалните мрежи. Нивните технолошки вештини кои ги развиваат од најмала возраст најмногу ги издвојуваат од миленијалците, а особено од џен-екс и бејби-бумерите. Нивниот светоглед ги прави да имаат многу поголеми очекувања од работодавците во поглед на прашања поврзани со екологија и општество, а компанијата во која се вработуваат да ги следи  ESG критериумите.

Кои се вредностите кои џен зи ги бараат од потенцијалните работодавци?

Оваа генерација ги истакнува своите очекувања од компаниите во реалност да ги поддржуваат луѓето и животната средина, а не само декларативно. И тоа да го комуницираат на социјалните медиуми со примери од пракса. Инклузивноста, различностите, правичноста се главните постулати врз кои тие го градат своето мислење за компаниите. Повеќе од половина од оваа генерација пред да прифатат одредена работа во компанија, ја истражуваат истата во поглед на нејзините политики кон животната средина, а завиден е и бројот на оние кои би смениле работа доколку нивните очекувања не се достигнати.

Кога станува збор за професионален раст, тоа за џен зи се подразбира. Настрана дигиталните вештини, тие се насочени кон постојано учење на нови вештини. Затоа, очекуваат да им се обезбедат можности да ги прошируваат своите знаења, таленти и искуство. Поттикување на личен развој треба да биде една од главните стратегии за секој работодавец за привлекување и задржување на работен кадар од оваа генерација. Нареден чекор за секој работодавец е да внимава при спојувањето на генерациите во рамките на компанијата. Често се случува најмалку три генерации да бидат испреплетени во работните процеси, при што потребно е да се создава отворена и транспарентна средина каде што вработените од сите возрасти ќе можат да напредуваат, да работат заедно и да учат едни од други. Секоја генерација има свои посебни карактеристики, потреби и барања, и секоја генерација кога „стапила на сцена“ донела промени во секој домен во општеството. Клучно е таа да се интегрира во работната средина и да создаде чувство на припадност каде сите се чувствуваат ценети и ангажирани.