На помалите бизниси исто така им се потребни врвни таленти меѓу човечкиот капитал при што директно се судруваат со конкуренцијата која ја претставуваат големите претпријатија и компании. Повеќе од јасно е дека во таквите случаеви малите и средните претпријатија (МСП) се борат против помоќен конкурент, но сепак постојат доволно адути со чија помош МСП можат да ја надминат конкуренцијата.
Ако зборуваме за тоа кои се предностите на МСП, една од најкаракеристичните е дека помалите претпријатија имаат тенденција да бидат отворени за промени, пофлексибилни и спремни за донесување на брзи и важни одлуки врз основа на доверливи и точни информации. Само со оваа карактеристика МСП неретко можат да ја „претркаат“ конкуренцијата кога се носат одлуки за вработување, бидејќи едноставното и брзо давање на понуда за врабоување на кандидатот може да биде одлучувачки фактор. Постои уште еден многу битен момент на кој МСП треба да обрнат особено внимание, а тоа е да ги вклучат важните приоритети кои кандидатите ги имаат на ум кога бараат работа. Според податоците кои LinkedIn ги собира од редовните анкетирања, а се однесуваат на факторите кои им се најважни на кандидатите кои бараат работа, како и на споребата на истите помеѓу оние кои се вработиле во МСП наспроти оние кои се вработиле во голема компанија, точно може да се воочи како и зошто помалите бизниси можат да ја добијат трката со поголемите.
Сличности и разлики на приоритетите кај вработените во МСП и во големите компании
Вработените и кандидатите за вработување во МСП и во големи компании имаат 3 идентични приоритети, при што како прв се истакнува висината на личниот доход и бенефициите, потоа следи балансот помеѓу професионалниот и приватниот живот, и на крајот се флексибилните работни часови. Овие три фактори ја играат најголемата улога при избор на ново работно место кај сите кандидати без разлика дали нивните амбиции се движат во насока на вработување во МСП или во голема компанија. Но, не секогаш се одлучувачки. Зошто е тоа така?
Вработените во МСП сé почесто ги истакнуваат како приоритети културата на соработка во рамки на работната средина, усогласените вредности и среќните тимови во претпријатијата. Ова јасно говори за тенденцијата на работниците во помалите претпријатија да имаат различни приоритети од луѓето во поголемите компании, почнувајќи од она што е поважно.
Вреднувањето на културата на соработка е многу повеќе изразена и важна за вработените во МСП. Иако лошата соработка може да му наштети на секое претпријатие или компанија, сепак таа може особено лошо да влијае кај малите претпријатија. Во секоја работна средина која се состои од помал број на колеги, од клучно значење е сите меѓусебно да можат можат добро и продуктивно да комуницираат. Секој пат кога се случуваат потенцијални вработувања, важно е да се истакне добредојдената и колегијална култура на автентичен начин.
Во споредба со луѓе кои работат во големи компании, вработените во МСП многу повеќе обрнуваат внимание да работат во претпријате чии вредности усогласени со нивните. Ако вашиот мал бизнис е воден од мисијата за нешто за кое луѓето го чувствуваат блиску до нивните определби или верувања, апсолутно треба за тоа да им дадете до знаење на кандидатите. Додека во поголемите компании често се очекува барањата и условите да бидат унифицирани за сите, во малите и средните претпријатија постои многу повеќе простор да се заземе и поинаков став за прашања што им се важни.
Луѓето кои избираат мали или средни претпријатија за свое вработување имаат тенденција да даваат приоритет на работно место со среќни и инспирирани вработени. Иако звучи како клише, но големите компании често се препознаени како ладни или безлични ентитети. Токму затоа МСП треба да се да се фокусираат на позитивните резултати од човечкиот елемент во работното опкружување. Дозволете им на идните вработени да ги видат личностите зад бизнисот, од лидерите до сите колеги со кои ќе работат. Нагласете како вашето претпријатие постојано негува мотивирачка работна средина.
Кои приоритети можат да не се најважни при изборот на кандидатот да се вработи во мало или средно претпријатие?
Што се однесува до приоритетите за унапредување, сигурност на работното место и платата, сепак кај вработените во МСП може да се каже дека се за нијанса од помало значење во однос на вработените во големите компании. Точно е дека платата секогаш е многу важна, но за кандидатите за вработување во мало или средно претпријатие помала е веројатноста токму ова да биде одлучувачки фактор. Исто така, помал приоритет може да биде раст во кариерата или унапредување, но токму тука МСП можат да поентираат. Зошто? Бидејќи во споредба со сложената хиерархија и називите на работните позиции во големите компании, помалите претпријатија обично имаат поедноставни организациски структури со помало разгранување на специфични работни места. Во нив вработените можат полесно да ги унапредат своите кариери преку развивање на нови вештини, бидејќи работењето во помало претпријатие често вклучува извршување на работни активности кои многу веројатно би биле под посебни работни места во поголема компанија. На пример, вашиот главен маркетинг директор може истовремено да биде главен амбасадор на брендот и шеф за односи со јавноста. Ова секако отвора повеќе можности за развивање нови и важни вештини и претставува моќен начин да ја преоформите работната позиција на кандидатите.
Иако вашиот помал бизнис можеби нема да може да се натпреварува со големите компании на секој план, сепак вие имате свои предности. Луѓето кои се приклучуваат на малите и средните претпријатија сакаат да бидат дел од тимови кои меѓусебно беспрекорно соработуваат и остваруваат значајна работа, а тоа води до чувство на емотивна професионална исполнетост и среќа. Секој пат кога ги истакнувате овие силни страни при вработувањата во малите и средните претпријатија, вие не само што нудите работна позиција, туку им овозможувате на кандидатите да бидат дел од мала заедница каде што можат вистински да напредуваат.